Испитите ЕСОЛ на Кембриџ вклучуваат специјализирани испити за деловни и академски цели. Се тестираат сите четири области на владеење на јазикот (зборување, слушање, читање и пишување), насочувајќи се кон вашата способност за ефикасно комуницирање на англиски јазик.
Повеќе информации за овие испити може да најдете на Интернет-страницата Kембриџ ЕСОЛ.
Испитите по англиски јазик за најмлади (YLE) на Универзитетот во Кеммриџ ЕСОЛ се наменети за деца од 7 до 12 годишна возраст кои гоизучуваат англискиот јазик како странски јазик во основно училиште или во училиште за странски јазици.
Сите овие испити се внимателно дизајнирани за да бидат колку што е можно по забавни и да не бидат стресни за децата. Повеќето деца ги полагаат во своето училиште и се базирани на активности кои им се познати на повеќето деца. Тестовите ги покриваат сите 4 јазични вештини – читање, пишување, слушање и разговор. Дизајнирани се за да го поттикнат позитивното искуство од учењето на јазикот (сите деца добиваат диплома).
Тестовите се достапни во 4 нивоа:
СТАРТЕРС Ова е најниското ниво дизајнирано за деца од 7-годишна возраст кои имале околу 100 часа подготовка. МОВЕРС Второто ниво е дизајнирано за деца од 8 до 11 годишна возраст кои имале околу 175 часа подготовка. ФЛАЕРС Третото и највисоко ниво е дизајнирано за деца помегу 9 и 12 годишна возраст кои имале околу 250 часа подготовка. Нивото е еквивалентно на основниот тест по англиски јазик КЕТ и претставува чекор кон понапредните нивоа на меѓународно прифатените дипломи на Кембриџ ЕСОЛ за тинејџери и возрасни.
Оценување Секое дете кое ќе ги полага сите 3 дела ќе добие диплома со 1 - 5 штита која покажува колку детето било успешно. На пример, детето може да добие 3 штита за читање и пишување, 4 штита за слушање и 5 штита за разговор. Минимумот кое секое дете може да го добие за сите 3 дела е диплома со по еден штит за секој дел.
Резултати Прегледувањето на тестовите се прави во Кембриџ ЕСОЛ во рок од 2 недели по добивањето на тестовите. Децата треба да ги добијат своите дипломи во рок од 1 месец од полагањето на тестот.
Овие дипломи на Кембриџ ЕСОЛ се доживотни.
Овој испит е за кандидатитете кои може да го употребуваат пишуваниот и говорен англиски јазик на средно ниво. Слушателите кои се подготвуваат за овој испит ги продлабочуваат и подобруваат своите јазични вештини во практични секојдневни ситуации. Пи-И-Ти се состои од 3 дела: читање и пишување (90 минути), слушање (околу 30 минути) и зборување (околу 10-12 минути). Дипломата се наоѓа на нивото Б1 од јазичната рамка на Советот на Европа.
Слушателите на ова ниво може да очекуваат да бидат во можност да работат или студираат во англиско говорно подрачје и да се снаоѓаат како туристи во земја каде што се зборува англиски јазик. Оваа диплома е доста прифатена за комерцијални или прелиминарни академски цели, како во Обединетото Кралство, така и во светот. Еф-Си-И се состои од пет дела: читање (60 минути), пишување (80 минути), англиски јазик во употреба (45 минути), слушање (околу 40 минути) и зборување (околу 14 минути). Дипломите се доделуваат на успешни кандидати со оценки А, В и С.
На ова ниво се очекува од слушателите самоуверено да се снаоѓаат во повеќето ситуации што би произлегле во земја во која се зборува англискиот јазик - социјални, професионални или во високото образование. Си-Еј-И е прифатен од речиси сите универзитети и колеџи во Британија и голем број други образовни институции во целиот свет, вклучувајќи ги и работодавците. Си-Еј-И се состои од пет дела: читање (75 минути), пишување (90 минути), англиски јазик во употреба (60 минути), слушање (околу 40 минути) и зборување (околу 15 минути). Дипломите се доделуваат на успешни кандидати со оценки А, В и С.
На ова ниво, слушателите се приближуваат до стандардот за англиски јазик како на образовано лице, кому англискиот му е мајчин јазик. ЦПЕ е прифатен од речиси сите универзитети и колеџи во Британија и од голем број други образовни институции во целиот свет, како доказ за нивото на познавање на англискиот јазик, соодветно за влез на студиите во рамки на високото образование или на постдипломски студии. Голем број работодавци го признаваат Си-Пи-И. Си-Пи-И се состои од пет дела: читање (90 минути), пишување есеј (120 минути), англиски јазик во употреба (120 минути), слушање (околу 45 минути) и интервју (околу 19 минути за секој кандидат). Дипломите се доделуваат на успешни кандидати со оценки А, В и С.
Пакет од три испита БЕК прелиминарен, БЕК среден и БЕК напреден, наменети за тестирање на нивото на познавање на англискиот јазик во деловен контекст. Совршена опција доколку се подготвувате за кариера во областа на деловното работење. Во Македонија ги нудиме испитите БЕК среден и БЕК напреден. БЕК среден е испит за кандидатите на средно ниво што веќе работат или се подготвуваат за работа во областа на деловното работење, од општа канцелариска работа до производство и финансиски услуги. Ова ниво одговара на Кембриџ ниво 3 (Еф-Си-И). БЕК среден се состои од 4 дела: читање (1 час), пишување (45 минути), слушање (околу 40 минути) и зборување (околу 14 минути за двајца кандидати). БЕК напреден е наменет за слушатели што се здобиле или се здобиваат со деловни и/или канцелариски квалификации. Од слушателите на ова ниво се очекува да се снаоѓаат со сложени структури и да демонстрираат познавање на побогат вокабулар. Овој испит е на напредно ниво, сличен на Кембриџ ниво 4 (Си-Еј-И). БЕК напреден се состои од 4 дела: читање (1 час), пишување (1 час и 10 минути), слушање (околу 40 минути) и зборување (околу 16 минути за двајца кандидати). Дипломите се доделуваат на успешни кандидати со оценки А, В и С.
- Тестирање на деловниот јазик (БУЛАТС) Услугата за тестирање на деловниот јазик (БУЛАТС) е создадена со цел да го испита нивото на познавање на странскиот јазикот на вработените кои имаат потреба да користат странски јазик во нивната работа, како и за следење на јазични курсеви или на професионални/деловни курсеви каде што познавањето на странскиот јазик претставува важен елемент на курсот.
Информации за кандидатите БУЛАТС дава точна проценка за вашето познавање на деловниот англиски јазик. Поединците можат да ги употребат резултатите како доказ за посетување на јазични, професионални или деловни курсеви или, пак, за вработување.
Информации за работодавците БУЛАТС дава точна проценка за познавањето на деловниот англиски јазик на вашите вработени. Управителите можат да ги употребат резултатите за да ги проценат јазичните способности на потенцијалните вработени при процесот на вработување и селекција или, пак, за да изберат кои од вработените ќе посетуваат јазични, професионални или деловни курсеви.
БУЛАТС • е лесно применлива услуга и може да биде изведена каде било и во кое било време што ù одговара на вашата компанија – во Британскиот совет или во вашите канцеларии – со минимален временски период помеѓу пријавувањето за тестирање и датумот на тестирање • резултатите се соопштуваат брзо со цел да ви помогнат да донесете информирани одлуки во однос на тоа какво работно место да изберете или за каква обука да се пријавите • тестира два вида на способности – слушање и читање во рок од 75 минути • е достапна на англиски, француски и германски јазик • се изведува на компјутери • резултатите се темелат на Заедничката јазична рамка на Советот на Европа (ЦЕФР) • е призната од илјада организации ширум светот • се реализира со испитите ЕСОЛ на Универзитетот „Кембриџ“ во соработка со водечки експерти за оценување по француски, германски и шпански јазик: „Француска алијанса“ (француски јазик), Институтот „Гете“ (германски јазик) и Универзитетот во Саламанка (шпански јазик).
Можете да ја испробате демо-верзијата на тестот.
Универзитетот во Кембриџ, одделот за сертифицирање на познавањето на англискиот јазик и ACCA (Association of Chartered Certified Accountants) го подготвија испитот ICFE (International Certificate in Financial English) за познавање на англискиот јазик во областа на финансиите.
Овој испит е идеална квалификација за секој кој планира или веќе гради кариера во областа на финансиите и сметководството.
Испитот се одржува 2 пати годишно: мај и ноември. Испитот трае околу 3 часа и се состои од 4 дела: читање (75 мин), пишување (75 мин), слушање (40 мин) и говорење (16 мин).
Кандидатите кои ќе го положат испитот ќе бидат способни да го користат јазикот во практични ситуации, да учествуваат на состаноци и дискусии од областа на финансиите, јасно да ги искажуваат своите мислења и да ги разбираат финансиските документи вклучувајќи и финансиски извештаи, писма и понуди.
Дипломата е доживотна и е поставена на нивоата B2-C1 на јазична рамка на Советот на Европа. Посетете ја официјалната интернет страница на ICFE за да симнете минати тестови, аудио материјали и прирачник.
Ова е испит на Универзитетот во Кембриџ, одделот за сертифицирање на познавањето на англискиот јазик, направен во соработка со Транслигал, европска водечка фирма на правници-лингвисти.
Работодавците сакаат да бидат сигурни дека нивните вработени го познаваат англискиот јазик на ниво доволно да можат да комуницираат со клиенти и професионалци од други земји и да се справуваат со пишани информации на англиски. Од друга страна, студентите по право и правниците почетници, би сакале да им покажат на работодавците дека го познаваат англискиот јазик и се способни да работат во меѓународно правно опкружување. Ако сте вие почетник или правник кој сака да работи во меѓународен контектс, тогаш ова е вистинскиот испит за вас.
Испитот е признаен од водечките правни асоцијации.
Испитот се одржува 2 пати годишно: мај и ноември. Испитот трае околу 3 часа и се состои од 4 дела: читање (75 мин), пишување (75 мин), слушање (40 мин) и говорење (16 мин).
Кандидатите кои ќе го положат испитот ќе бидат во состојба да го користат јазикот во практични ситуации, да учествуваат на состаноци и дискусии од областа на правото, јасно да ги искажуваат своите мислења и да разбираат извештаи, писма и понуди.
Дипломата е доживотна и е поставена на нивоата B2-C1 на јазична рамка на Советот на Европа. Минати тестови, аудио материјали и прирачник може да симнете од официјалната интернет страница на ILEC.
|