Text only Print this page |ENGLISH|МАКЕДОНСКИ|SHQIP
British Council Macedonia
Регистрирајте се на нашите бесплатни електрoнски билтени
Образование
Средно образование
Додипломски студии
Постдипломски студии
Учете англиски јазик во Обединетото Кралство
Додипломски студии
Можности во Обединетото Кралство на ниво на додипломски студии

Обединетото Кралство нуди многубројни додипломски студии во широк опсег институции, секоја од нив со сопствен единствен карактер и културен живот. Преку нашата база на податоци за најчесто поставувани прашања, можеме да ви помогнеме да ги изберете вистинските студии за вас и да ги пронајдете информациите што ви се потребни. Ако имате други прашања, обратете ни се преку електронска пошта.

САКАМ ДА СТУДИРАМ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО. КАДЕ МОЖАМ ДА ГИ НАЈДАМ ИНФОРМАЦИИТЕ ШТО МИ СЕ ПОТРЕБНИ?

Постојат многу извори што ги содржат овие информации – добар преглед на информациите можете да најдете на следните Интернет страници:

Интернет страницата на Образование во Обединетото Кралство (Education UK);
Интернет страниците на приемните оддели на универзитетите и колеџите (UCAS) и
студентските страници УКЦИСА (UKCISA).
САКАМ ДА СЕ ЗДОБИЈАМ СО МОЈАТА ПРВА ДИПЛОМА ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО. ШТО МИ Е ПОТРЕБНО?

Општо, матурата/дипломата од средно образование се прифаќа како доволен степен на квалификација за прием на додипломски студии во Обединетото Кралство. Британските универзитети се независни тела, така што на тој начин имаат целосни права врз одлуките за прием на студенти.

Понатаму, треба да покажете висок степен на познавање на англискиот јазик, што ќе го покажете со добивање оценка 6.5 на тестот ИЕЛТС (IELTS). Различни универзитети имаат различни јазични тестови и резултати, затоа е најдобро најпрво да се информирате од нив.

ДАЛИ СИТЕ ДИПЛОМИ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО СЕ ПРИЗНАТИ БРИТАНСКИ ДИПЛОМИ?

Обединетото Кралство има заслужена светска репутација во обезбедувањето висококвалитетно и познато високо образование. Во Обединетото Кралство има преку 150 високообразовни институции што имаат дозвола за доделување различни дипломи што одговараат на повеќето образовни амбиции. Сите институции имаат надлежности за доделување дипломи, признати од надлежните тела на Обединетото Кралство (Обединетото Кралство и Шкотскиот парламент, Парламентите на Велс и на Северна Ирска). Повеќе информации можете да најдете на Интернет-страниците на Одделот за иновации, универзитети и квалификации, во делот Признати дипломи во Обединетото Кралство.

Тука може да најдете информации во врска со институциите или телата, вклучувајќи ги универзитетите, кои имаат свои овластувања за доделување дипломи.

Сите тие се институции или тела што во моментот нудат студии чии дипломи ги доделуваат признати надлежни тела. Тука може да се најдат институциите што ги предлага Одделот, вклучувајќи ја и најновата верзија на статутарниот инструмент, список на тела и списокот што е ставен на Интернет-страницата.

Тука може да се најдат сите институции или тела што имаат овластувања за доделување дипломи што се единствени за нив, но немаат овластувања за доделување секаков тип диплома, за разлика од овластувањата на признатите тела.

ДАЛИ МАКЕДОНСКИТЕ КВАЛИФИКАЦИИ ЌЕ БИДАТ ПРИЗНАТИ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО?

Конечната одлука за признавање на квалификациите зависи од работодавачите или универзитетте. За процена на вашите македонски квалификации, контактирајте со Националниот информативен центар за академско признавање:

UK NARIC, ECCTIS Ltd.,
Oriel House
Oriel Road
Cheltenham
Gloucestershire GL50 1XP
United Kingdom
T: 0044-1242-258610
F: 0044-1242-258611
naric@ecctis.co.uk

КАКО ДА АПЛИЦИРАМ НА БРИТАНСКИ УНИВЕРЗИТЕТ?

Ако аплицирате за додипломски студии, треба да ја поднесете вашата апликација преку УЦАС (UCAS) – кој претставува систем за аплицирање преку Интернет.

Откако УЦАС ќе ја прими вашата апликација, ќе испрати копија на секој универзитет што сте го избрале. Подоцна, УЦАС, исто така, ќе ви испрати писмо со кое ќе ве информира кои универзитети ви понудиле место. Откако ќе го направите изборот, универзитетот ќе ви ги испрати сите потребни документи за вашето заминување во Обединетото Кралство, како и вашиот упис на универзитетот.

ШТО Е УЦАС (UCAS)?

УЦАС е кратенка за Сервис за прием на студенти на универзитетите и колеџите, административно тело што ги обработува сите апликации за додипломски студии во високообразовните институции во Обединетото Кралство. На тој начин, се овозможува постапката за аплицирање за додипломски студии да биде иста за потенцијалните студенти од Обединетото Кралство, Европа или која било друга земја во светот.

ДАЛИ ИМА КРАЕН РОК ЗА АПЛИЦИРАЊЕ?
Има разни крајни рокови кои треба да се имаат предвид при пријавување и чекање повратни информации од факултети и колеџи. Следете ги инструкциите на интернет страницата на УЦАС (UCAS).
КАКО ДА ГИ ИЗБЕРАМ ВИСТИНСКИТЕ СТУДИИ?

Изборот на вистинските студии во крајна мера зависи од вас и колку труд ќе вложите во потрагата по истите. Има некои работи што треба да ги земете предвид при пребарувањето институции.

Најпрво, важно е да размислите за тоа што сакате: Што сакате да студирате? Каков тип професија имате замислено за вас? Какви студии би ве квалификувале за таа професија?

Откако ќе одлучите што сакате да студирате, можете да пребарувате типови студии на Интернет страницата на УЦАС (UCAS). Со ова пребарување ќе добиете список релевантни универзитети што нудат студии какви што барате.

Во овој момент, треба да се прашате каков тип институција сакате: голема или мала, во град или село итн. Повеќе информации во врска со универзитетите можете да најдете во нивните проспекти (кои ви се достапни преку Интернет страницата на УЦАС).

Исто така, може да ви користи ако се консултирате со поединци што во моментот студираат или студирале претходно за да дознаете како тие се одлучиле токму за тие студии.

Конечно, ако можете, би било добро да ги посетите универзитетите, особено за време на семестрите за да се здобиете со првите впечатоци.

КОИ СЕ НАЈДОБРИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ?

Не постои официјален список што ги рангира институциите во Обединетото Кралство; меѓутоа постојат механизми за обезбедување квалитет, кои обезбедуваат дека институциите ги исполнуваат зададените стандарди.

Единствено овластени институции може да држат предавања и да доделуваат дипломи. Можете да најдете целосен список институции овластени за доделување дипломи (признати тела) и институции овластени за обезбедување студии со кои се добива диплома од овластено тело (тела од списокот) на Интернет-страницата на ДИУС (DIUS) – Одделот за иновации, универзитети и квалификации.

Меѓутоа, два национални весника, Тајмс и Гардијан, објавуваат интерактивни табели и рангирања на универзитетите, што се комбинација од официјалните факти и личните критериуми. Некои универзитети на оваа табела завршуваат со целосно различни резултати во двата весника:

EducationGuardian.co.uk
Универзитетски водич на Сандеј тајмс
ДАЛИ ЌЕ ТРЕБА ДА ПОЛАГАМ ПРИЕМЕН ИСПИТ ЗА ДА СТУДИРАМ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО?  

Вообичаено не. За повеќето британски институции, доволно е соодветна потврда за познавање на англискиот јазик, како што се ИЕЛТС (IELTS), ЦАЕ (CAE), ЦПЕ (CPE) или ТОЕФЛ (TOEFL) и соодветна диплома за завршено средно образование. Има одредени исклучоци, ако сакате да студирате медицина или право.

За информациите во врска со приемните тестови за додипломски студии, можете да се упатите во УЦАС (UCAS)

ДАЛИ МИ Е ПОТРЕБНА ВИЗА ЗА УЧЕЊЕ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО?
Да. Потребна ви е студентска виза од Британската амбасада во Скопје, пред вашето пристигнување во Обединетото Кралство. Ако не сте сигурни во врска со визниот статус или ви се потребни повеќе информации, посетете ја Интернет-страницата https://www.visainfoservices.com/.
ДАЛИ ЌЕ МОЖАМ ДА РАБОТАМ ДОДЕКА СТУДИРАМ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО?

Ако доаѓате во Обединетото Кралство како студент во времетраење подолго од шест месеци, можете хонорарно да работите, но не смеете:

да работите повеќе од 20 часа неделно за време на семестарот, освен ако работата не е дел од вашите студии, ако е тоа во согласност со вашата образовна институција и со тоа се здобивате со диплома или квалификации што ги доделува национално овластено тело за спроведување испити во таа област;
да водите дејност, да бидете самовработени или да вршите дејност како професионален спортист или забавувач или
да бидете постојано вработени.  

Ако доаѓате во Обединетото Кралство како студент за шест месеци или помалку, мора да барате дозвола од миграцискиот службеник за да работите.

За проверка на вашиот статус и за дополнителни информации, посетете ја Интернет-страницата https://www.visainfoservices.com/.

КАКО ДА ГО ПОПОЛНАМ ЕЛЕКТРОНСКИОТ ФОРМУЛАР НА УЦАС (UCAS)?

Прирачникот „електронско аплицирање“ нуди детаљни упатства за пополнување на формуларот. Затоа, важно е да се прочитаат сите инструкции пред да почнете.

Аплицирање преку УЦАС е безбеден Интернет-систем за апликации за сите потенцијални студенти (од Обединетото Кралство/ЕУ и меѓународни) што сакаат да си обезбедат место на универзитетите и колеџите на ниво на додипломски студии.

Следните информации користете ги заедно со прирачникот за „електронско аплицирање“, кој е достапен на Интернет-страницата на УЦАС. Сите кандидати мора најпрво да се регистрираат во системот.

УЦАС наплатува надомест за аплицирање од 5 фунти за еден избор и 15 фунти за два или повеќе избора.

Процес на регистрација:

Одете на Интернет-страницата на УЦАС и одберете ја опцијата „регистрација на студенти“.

Кога ќе дојдете до делот „Со кого?“, изберете ја опцијата „индивидуално“. Ова значи дека не аплицирате преку училиште или колеџ.

Одговорете на наредните прашања за да осигурите дека се квалификувате за користење на услугата за Интернет-аплицирање на УЦАС. Ако немате пристап до наведените дебитни/кредитни картички, нема да можете да го користите Интернет-системот. (Забелешка: Дебитните/кредитните картички може да припаѓаат на родител/роднина/пријател.) Во тој случај директно контактирајте со УЦАС.

По успешната регистрација, ќе добиете единствено корисничко име и лозинка со кои ќе можете да се најавите во кое било време и да работите на својата апликација. Кога сите полиња ќе бидат означени со „пополнето“, апликацијата може директно да биде испратена до УЦАС.

Совети за пополнување на различни полиња:

Избор

Користете го пребарувачот на студии на УЦАС за да добиете информации за условите за запишување, кодовите на институциите и студиите. Можете да ги внесете типовите студии по кој било редослед, но системот ќе ги прераспореди по азбучен ред.

Образование

Наведете ги имињата на училиштата и колеџите што сте ги посетувале и квалификациите што сте ги добиле или со кои ќе се здобиете. Наведете информации за тоа дали сте добиле формални квалификации во институцијата. Наредно, притиснете на хиперлинкот „Додадете квалификација“, потоа ќе видите список меѓународни квалификации по азбучен ред. Ако не е наведена квалификацијата на вашата земја, не наведувајте квалификација од Обединетото Кралство што е еквивалент, туку изберете опција „друго“, под „Д“.

Полето за бројот на испитниот центар оставете го празно (ова поле е само за кандидатите од Обединетото Кралство) и игнорирајте го предупредувањето.

Преведете ги на англиски јазик називите на предметите што сте ги учеле.

Внесете ги оценките онака како што се наведени во сертификатите.

Вработување

Ако сте работеле со полно работно време или хонорарно, наведете ги:

називите на работните места;
имињата на работодавачите;
адресите на работодавачите и
датумите на вработување.

Лични податоци

УЦАС ги користи информациите од регистрацијата за пополнување на многу од овие полиња.

Лична изјава

Ова поле овозможува 47 редови текст со 95 карактери во ред. Подгответе ја изјавата пред да пристапите на Интернет-сервисот, со која било алатка за текст (word processing package). Откако ќе ја подготвите изјавата, може да ја ископирате директно во полето. Потоа одберете „зачувај“. Треба да направите „преглед“ на изјавата пред полето да се означи како „пополнето“.

Важна е добра лична изјава. Ова е вашата шанса да им кажете на универзитетите и колеџите

зошто сте заинтересирани за студиите за кои сте аплицирале;
зошто треба да ве примат да бидете нивни студенти и
што се надевате дека ќе работите по вашите студии.

Не заборавајте да ги вклучите работните места, работното искуство, а исто така, вашите социјални и лични интереси.

Препораки

Пред ова поле да биде означено како „пополнето“, мора да биде наведен телефонот на давателот на препораката или неговата електронска пошта. Делот од полето наменет за изјава овозможува 4000 карактери (со растојание) и 47 редови текст (вклучувајќи ги и празните редови) за вашата препорака. Прашајте го лицето што ја дава препораката дали може да напише текст во ворд-документ или да ви ја прати препораката преку електронска пошта, за да можете да ја ископирате директно во електронскиот формулар. Препораката треба да биде на англиски јазик.

Треба да направите „преглед“ на изјавата пред полето да се означи како „пополнето“. За да можете да ја испратите апликацијата, најпрво треба да го уплатите надоместот за апликацијата преку Интернет.

По поднесување на апликацијата

Ќе добиете апликациски број и лозинка за следење на УЦАС (ucastrack). Користете ја оваа алатка за да ги дознаете одлуките на институциите во врска со вашата апликација.

Дополнителни услуги на УЦАС (Ucasextra)

Ако немате понуди или сте ги искористиле сите избори, ќе се квалификувате за уцасекстра (ucasextra). Со ова ќе имате дополнителен избор пред да започне процесот на селекција во летниот период.

КОИ ДОКУМЕНТИ ТРЕБА ДА ГИ ИСПРАТАМ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ?

Најпрво, не испраќајте дополнителни документи до УЦАС (UCAS) откако ќе го пополните електронскиот формулар на апликацијата. Ако го направите тоа, УЦАС ќе ви ги испрати назад.

Ако сакате да испратите дополнителни информации директно до универзитетот, можете да испратите копии од вашите училишни сертификати и друга дополнителна документација што сметате дека е важна. Исто така, може да испратите и втора препорака за јазичните тестови што сте ги положиле. Меѓутоа, почекајте потврда за вашиот регистарски број од УЦАС, пред да испратите дополнителен материјал директно до универзитетите. Овој број треба да го внесувате во целосната комуникација што ја имате со универзитетите.

ЗОШТО СЛУЖИ ОСНОВНИОТ/ВЛЕЗЕН КУРС?

Овие курсеви се за поединци што не ги исполнуваат нормалните услови за влез на универзитет во Обединетото Кралство. Поединците поминуваат основен или влезен курс за да го постигнат неопходното ниво. Овие курсеви вообичаено траат од 9 до 12 месеци.

ДАЛИ МОЖЕ ДА МЕ ПРИМАТ НА УНИВЕРЗИТЕТ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО БЕЗ ДИПЛОМА ЗА ЗАВРШЕНО СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ/МАТУРА?

Општо правило е дека потребна ви е диплома за завршено средно образование за да студирате во Обединетото Кралство. Меѓутоа, универзитетите во Обединетото Кралство се независни тела и како такви ги задржуваат своите дискрециони права да одлучуваат кого ќе примат. Во одредени околности, може да примат лице што не ги исполнува формалните услови за запишување или чиј живот не се движел по вообичаениот тек, особено, ако лицето покажува потенцијал.

На пример, работното искуство во полето поврзано со една од идните студии, понекогаш се прифаќа како еквивалент за матура и се смета за доволна квалификација за влез на универзитетот. Ако припаѓате на оваа категорија, најдобро е да контактирате со универзитетите, за да разговарате за можностите што ви се достапни.

КОЛКУ ВРЕМЕ Е ПОТРЕБНО ЗА ДА СЕ ЗДОБИЈАМ СО ДИПЛОМА ЗА ДОДИПЛОМСКИ СТУДИИ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО?

Тоа зависи од студиите што сте ги избрале, но најчесто потребни се три години. Ако одлучите за двојни студии или една со странски јазик, тогаш потребни се четири години. Целосни студии во Шкотска, исто така, се во времетраење од четири години. Ако сакате да студирате архитектура или медицина, студиите ќе траат пет до седум години.

ВЕЌЕ ЗАПОЧНАВ СО СТУДИИ ВО МАКЕДОНИЈА, НО САКАМ ДА СЕ ПРЕФРЛАМ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО ДА ГИ ЗАВРШАМ СТУДИИТЕ. ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВАМ?

Првото нешто што треба да го направите е да побарате универзитети што ги нудат студиите за кои сте заинтересирани. Ова можете да го направите на Интернет-страницата на УЦАС.

Откако ќе добиете список соодветни универзитети, треба да контактирате со нив и да разговарате што студирате во моментот во Македонија, со кои дипломи сте се здобиле, кои формални квалификации (ако има такви), што би сакале да студирате во Обединетото Кралство, итн.

Можеби ќе треба да им испратите и копии од дипломите. Потоа, секој универзитет ќе определи колку ќе ви биде признато од она што веќе сте го поминале и од која година (втора или трета) ќе можете да ги започнете студиите.

Потоа, можете да аплицирате преку УЦАС. Во делот „време на започнување“ во апликацискиот формулар, внесувате „два“ или „три“, во зависност од тоа кога универзитетот определил почеток за вашите студии.

КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ?

Вашите трошоци се категоризираат во два дела: школарина и трошоци за живот.

Меѓународните студенти надвор од ЕУ имаат значително повисоки трошоци.

Трошоци за школарина:

Тип додипломски студии
(општествени, природонаучни)
Опсег на надоместоци
Од:
Опсег на надоместоци
До:
Просечни трошоци на годишно ниво:
Студии што се одвиваат во училница
(како што се: јазици, општествени науки...)
£7,000 £10,500 £7,500
Студии во лаборатории/работилници (научни програми) £7,600 £13,200 £8,300
Претклинички програми £9,600 £16,200 £10,700
Клиничка медицина £11,200 £24,500 £19,500
Клиничка стоматологија £14,600 £24,400 £19,500

Трошоци за живот

На повеќето студенти во Обединетото Кралство им требаат 900 фунти месечно за живот (повеќе ако се во Лондон). Тука е вклучено сместување, храна, облека и основни трошоци за живот.

Ако сте граѓанин на ЕУ, плаќате намалени трошоци за живот. Со цел да се квалификувате за надомест за домашните трошоци, треба да сте постојан жител на Европската економска област три години пред почетокот на вашите студии. Интернет-страницата на УКЦИСА (UKCISA) содржи повеќе информации за прецизните упатства.

КАДЕ ЌЕ ЖИВЕАМ ДОДЕКА СТУДИРАМ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО?

Студентското сместување се движи од студентски домови до приватни куќи. Институциите вообичаено обезбедуваат информации во врска со сместувањето што им е достапно на нивните студенти и вообичаено имаат канцеларија за прашања во врска со сместувањето. Во поголемиот број случаи, сместувањето го договара канцеларијата за сместување на институцијата. Ако имате дополнителни прашања во врска со ова, директно контактирајте со универзитетот.

А ШТО СО СТИПЕНДИИТЕ?

Основниот извор на информации во врска со стипендиите е Интернет-страницата на Образование во Обединетото Кралство (EducationUK). Можете да пребарувате за стипендии по предмет, степен, тип и/или матична земја.

Дополнителни информации во врска со стипендиите имате на нашата Интернет-страница.

ДАЛИ МОЈАТА ДИПЛОМА ОД ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО ЌЕ БИДЕ ПРИЗНАЕНА ВО МАКЕДОНИЈА?

Информативниот центар за нострификација и признавање при Министерството за образование во Македонија е вистинското место каде што може да ги упатите вашите прашања во врска со признавањето на странските дипломи. За повеќе информации проверете ја нивната интернет страница.

За дипломите од Обединетото Кралство треба да добиете апостил (правен термин за потврда за легализација) за потврда дека вашата диплома е оригинална. Постапката за добивање апостил може да се провери во правното одделение при Министерството за надворешни работи на Комонвелтот.

ШТО АКО НЕ МОЖАМ ДА СИ ДОЗВОЛАМ ДА СТУДИРАМ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО, НО СЕПАК САКАМ ДА СЕ СТЕКНАМ СО КВАЛИФИКАЦИЈА ОД ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО?
Може да изберете да студирате преку режимот за учење од далечина, којшто стана популарна и поприфатлива опција за многу студенти и голем број институции за образование и обука во Обединетото Кралство ја нудат покрај стандардното образование.  За да добиете целосен список со студиите што се нудат за учење од далечина, посетете ја страницата EducationUK и изберете го учењето од далечина како опција за студирање. Британскиот совет ги администрира програмите за учење од далечина на Универзитетот во Лондон. За повеќе детали проверете ја нашата интернет страница.
Меѓународна организација на Обединетото Кралство за културни врски и образовни можности.
Регистрирана добротворна организација: 209191 (Англија и Велс), SC037733 (Шкотска).
Нашите изјави за приватност и авторски права. Слобода на информации.
Со двоен клик се појавува речник.
 Positive About Disabled People